Пред осум години, на 17 јуни 2018 година, во грчкото село Нивици, познато и како Псарадес, на брегот на Преспанското Езеро, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа. Со документот беше завршен долгогодишниот билатерален спор меѓу двете земји.
Променето уставното име и отворен патот кон НАТО
Со договорот, тогашната Република Македонија го промени уставното име во Република Северна Македонија. Грција ги призна македонскиот јазик и македонскиот идентитет, а земјата стана членка на НАТО. Истовремено, значително беше засилена билатералната соработка со јужниот сосед.
Договорот произлезе од повеќемесечни интензивни преговори, во период кога СИРИЗА беше на власт во Грција, а СДСМ во Македонија. Документот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.
На потпишувањето присуствуваа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот Метју Нимиц, како и високи претставници на Европската Унија и на меѓународната заедница.
Референдумот не го достигна потребниот цензус
На 30 септември 2018 година, нешто повеќе од три месеци по потпишувањето на договорот, граѓаните се изјаснуваа на референдум за членство во Европската Унија и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција.
Излезноста изнесуваше 36,91 отсто. Од граѓаните што гласаа, 91,47 проценти се изјаснија „за“, додека 5,64 проценти гласаа „против“.
Референдумот не беше успешен бидејќи не беше исполнет потребниот цензус од повеќе од половина од вкупниот број запишани избирачи.
Договорот беше постигнат по преговори што траеја речиси 27 години, со различен интензитет, прекини и повторни активирања. Процесот доби нова динамика по 2017 година, што на крајот доведе до постигнување решение.
Засилена соработка, но без средби на највисоко ниво
И покрај промените на власта во двете земји, Договорот од Преспа остана во сила. Во изминатите години тој придонесе за поинтензивна соработка во повеќе области, меѓу кои економијата и енергетиката.
Атина и натаму е силен поддржувач на европската перспектива на земјите од регионот, вклучително и на Северна Македонија.
Во април 2019 година, тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас го посети Скопје, што беше прва посета на грчки премиер по потпишувањето на договорот. Во октомври 2021 година, Стево Пендаровски стана првиот македонски претседател што ја посетил Грција.
Сепак, во последниот период отсуствуваат билатерални средби на највисоко ниво меѓу актуелните политички лидери на двете земји, додека официјалните државни посети не се реализираат или се одложуваат.
