Еквадорскиот фудбалер Џон Мишел Перласа Салас се соочува со драстична казна од осумгодишна забрана за играње фудбал. Санкцијата следува откако со камен директно во главата го погоди помошниот судија, кому по сериозните повреди му беше извршен итен оперативен зафат.

Инцидентот се случил на 17 октомври, за време на натпреварот од третата лига во Еквадор меѓу екипите на Сиудад де Јанца и Рио Агварико. Во 96. минута, Перласа, кој се наоѓал на клупата за резервни фудбалери, фрлил камен кон помошниот судија Ленин Џовани Охеда Нуњез и го погодил директно во лицето, по што натпреварот веднаш бил прекинат.

Фудбалската федерација на Еквадор официјално соопшти дека арбитарот се здобил со исклучително тешки телесни повреди и морал да биде подложен на хируршка интервенција.

Дисциплинската комисија го прогласи фудбалерот за виновен за физички напад и му изрече ригорозна забрана за учество во какви било фудбалски активности се до 19 октомври 2034 година.

Дополнително, фудбалската федерација на Еквадор најави дека ќе побара од светската куќа на фудбалот ФИФА оваа осумгодишна суспензија да биде проширена и применета на глобално ниво.

Казна му е изречена и на клубот Сиудад де Јанца, како поради несоодветното однесување на својот фудбалер, така и поради евидентните пропусти во организацијата и безбедноста на домашниот терен.

Клубот ќе мора да уплати парична глоба од 2.000 долари, како и дополнителни 4.369 долари наменети за покривање на медицинските трошоци на повредениот судија. Покрај финансиските санкции, клубот следните три домашни натпревари ќе мора да ги организира надвор од општинскиот стадион во Јанца.