Кавадарци добива биопазар како современ и сертифициран простор наменет за локалните земјоделци, органските производители и малите семејни бизниси, проект вреден 32 милиони денари. Оваа инвестиција претставува дел од бројните зафати на кои се осврна градоначалникот Митко Јанчев при презентацијата на отчетот за едногодишното работење на локалната самоуправа. Во рамки на извештајот беше нагласено дека општината реализира капитални зафати со цел обезбедување подобри услови за живот, современа инфраструктура и нови перспективи за локалното население.
„Во изминатата година, Кавадарци продолжи да се развива со силно темпо, преку реализација на капитални проекти, што создаваат подобри услови за живот, современа инфраструктура и нови можности за сите граѓани. Од спорт и рекреација, преку комунална и патна инфраструктура, до енергетска ефикасност, водоснабдување, образование, социјална заштита и уредување на јавните простори – инвестираме во Кавадарци, денес, но, со јасна визија за градот на иднината“, нагласи Јанчев.
Во делот на спортско-рекреативната инфраструктура, градскиот отворен базен доби целосно нов изглед со вложување од околу еден милион евра, додека затворениот базен со димензии 25 на 9 метри, вреден 1,2 милиони евра, е проектиран да овозможи услови за настава по пливање за учениците и рекреација за сите граѓани. Комплексот содржи и СПА-центар на површина од 240 квадратни метри опремен со сауна, парна бања, џакузи и соби за масажа, во вредност од 500.000 евра. Општината започна и изградба на нов картинг-центар со современа патека и придружни објекти вреден 36 милиони денари.
„Во рамки на Спортскиот центар „Јасмин“, се гради нов повеќенаменски објект од 1.000 м², со куглана, сала за гимнастика и седум апартмани за сместување на спортисти. Вредноста на инвестицијата е 118 милиони денари. Во село Марена привршува изградбата на нова спортска сала, инвестиција на Општина Кавадарци од 22 милиони денари“, истакна тој.
Градоначалникот наведе дека активно се гради патна и урбана инфраструктура. На патниот правец Марена – Сопот се подигнува нов мост со инвестиција од 12 милиони денари, а се уредува и кеј на реката Луда Мара до Општата болница со буџет од еден милион евра, кој се надоврзува на постојниот дел кон село Ваташа. Во тек е и првата етапа од гасификацијата на општината вредна 36 милиони денари, што вклучува мерно-регулациона станица и примарен гасовод, паралелно со темелни зафати во водоводните мрежи.
Во доменот на социјалната заштита и грижата за заедницата, подготвен е проект за Дневен центар за лица со телесна или ментална попреченост за 40 корисници вреден 41 милион денари, а финализирана е постапката за дом за стари лица со капацитет од 55 легла вреден 160 милиони денари преку ресорното министерство. Планиран е и нов младински центар со буџет од еден милион евра, додека на 12 јавни установи се поставени фотоволтаици со моќност од 355 киловати. Обезбеден е и грант од 50.000 долари за документација за изградба на велосипедска патека до Тиквешкото Езеро.
„Ова е инвестиција во рекреацијата, туризмот, здравиот начин на живот и одржливиот развој – поврзување на градот со природата и создавање нови можности за граѓаните и посетителите. Во изминатата година не инвестиравме само во бетон, асфалт и објекти. Инвестиравме во луѓето, децата, младите, спортот. Во нашите највозрасни сограѓани, селата, животната средина. Инвестиравме во иднината на Кавадарци. Секој нов проект е дел од една поголема визија – Кавадарци да биде современ, функционален, зелен, спортски и економски развиен град, со еднакви можности за сите. Една година работа не е крај на еден циклус. Таа е почеток на уште поголеми цели. Продолжуваме да градиме. Продолжуваме да инвестираме. Продолжуваме да го развиваме Кавадарци. За Кавадарци, какво што го заслужуваат неговите граѓани“, рече Јанчев.
