Долниот дом на полскиот парламент, Сејм, го отфрли предлогот на опозициската парламентарна група Развој плус за гласање недоверба на владата на премиерот Доналд Туск. Опозициските партии истовремено бараа избор на Марко Јурек за нов премиер на државата.
За опозицискиот предлог се изјаснија 200 пратеници, додека 242 гласаа против, без ниту еден воздржан глас. За да биде усвоена иницијативата, беше потребно апсолутно мнозинство од најмалку 231 глас во парламентот.
Предлогот беше презентиран од поранешниот премиер и лидер на парламентарниот клуб Развој плус, Матеуш Моравјецки, кој ја обвини актуелната власт за кршење на сите начела на владеењето на правото во институционалниот конфликт околу Уставниот суд.
Моравјецки посочи дека е неопходно итно ресетирање на владата, воспоставување парламентарна анкетна комисија за наводен државен удар врз Уставниот суд, а потоа отворање процес за уставни измени.
Како клучни предизвици и проблеми, тој ги наброја растот на стапката на невработеност, буџетскиот дефицит, високите трошоци за енергија, состојбата во здравството, миграциската политика и статусот на јавните медиумски сервиси.
Премиерот Доналд Туск категорично ги отфрли овие критики и самиот опозициски обид го нарече политичка гротеска.
Во текот на собраниската дебата, Туск остро се осврна и врз предложениот кандидат за премиерската функција Марко Јурек, потсетувајќи на негови контроверзни ставови поврзани со хомосексуалноста, ин витро оплодувањето и насилството врз децата.
Пратениците од владејачкото мнозинство го оценија предлогот како обичен обид на опозицијата за враќање на политичките позиции. Иницијативата беше поддржана од пратеничките групи на Право и правда, Конфедерација и Развој Плус, заедно со одредени помали политички субјекти.
Опозициските предлагачи како главен аргумент за разрешување на извршната власт го истакнаа загрозувањето на уставниот поредок и постапките поврзани со највисоката судска институција.
Институционалниот судир околу Уставниот суд претставува продолжение на долготрајниот спор меѓу коалицијата на Туск и конзервативната опозиција предводена од Право и правда, кој трае уште од 2015 година по прашањата за законитоста на именувањата и независноста на судството.
Тензиите се зголемија откако актуелното парламентарно мнозинство се обиде да изврши реформи во судот, а претседателот Карол Навроцки одби да ја прими заклетвата на петмина новоизбрани судии.
Опозицијата тврди дека власта врши незаконско преземање на уставната институција, додека владините претставници уверуваат дека целта е прекинување на институционалната блокада и враќање на уставните принципи.
