Скопје филм фестивал го подготвува своето 26. издание, кое од 4 до 9 ноември ќе донесе богат избор на филмски проекции, средби со автори и разновидни содржини на големото платно. Како генерален партнер оваа година застанува А1 Македонија, продолжувајќи ја својата заложба за развој и унапредување на културниот живот и уметноста.
Свеченото отворање на фестивалот ќе биде означено со проекцијата на филмот „ИДИОТ(И)“, во режија на реномираните автори Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт. Во главните улоги настапуваат Ејми Лу Вуд, Џони Флин, Вики Крипс и Кристијан Фридел. По свеченото отворање, филмската програма ќе се одвива во Младинскиот културен центар (МКЦ), каде што публиката ќе има можност да проследи приказни што обработуваат современи општествени прашања.

„Во А1 веруваме дека поврзувањето има најголема вредност кога отвора можности за луѓето, за идеите и за заедницата. Филмот ја има токму таа моќ, една приказна на платното станува заедничко доживување, нè доближува до различни погледи и отвора разговори што продолжуваат и надвор од киносалата. Затоа, нашата поддршка за културата е долгорочна определба. Во тимот на Скопје филм фестивал препознавме јасна визија и посветеност, а со ова партнерство сакаме да ѝ дадеме дополнителна сила на нивната амбиција. Ја покануваме публиката да биде дел од фестивалот, затоа што културата добива полна смисла кога ја споделуваме“, изјави Методија Мирчев, главен извршен директор на А1 Македонија.
Програмата предвидува едукативни работилници каде што младите вљубеници во уметноста ќе соработуваат со филмски работници и ќе ги развиваат своите креативни потенцијали преку директна размена на знаења.

„Со ова издание отвораме ново поглавје за Скопје филм фестивал, со внимателно избрана програма што носи врвни остварувања од елитата на современата светска кинематографија. Тоа се филмови со супериорен авторски израз, смели идеи и силни приказни, кои заслужуваат да се доживеат на големото платно. Отворањето со „ИДИОТ(И)“ ја најавува токму таа програмска амбиција, да ѝ понудиме на публиката исклучително филмско искуство што ќе ја поттикне повторно да им се враќа на киносалите. Сакаме фестивалот да биде место за филмски откритија, непосредни средби со авторите и инспирација за младите што го откриваат сопствениот филмски израз. Партнерството со А1 Македонија ни дава силен поттик да ја оствариме оваа визија и заедно да создадеме фестивал со трајна вредност за културниот живот на Скопје“, изјави Томи Салковски, директор на Скопје филм фестивал.
Посебен сегмент од годинешната манифестација е иницијативата „А1 кинотека“, остварена во соработка со А1 Србија, посветена на дигитална реставрација и зачувување на културното и филмското наследство. Преку овие проекции ремек-делата од архивите повторно ќе оживеат пред домашните гледачи во киносалата во МКЦ.
