СДСМ под водство на Венко Филипче упати директен и отворен напад врз својот прв партиски лидер Бранко Црвенковски. Во официјалното соопштение објавено на 29 октомври, по серијата обвинувања на негова сметка следуваат тешки квалификации. Раководството на партијата со овој потег отворено се пресметува со внатрешните критичари.

На крај сега од ормарот го вадат Бранко Црвенковски. Човек што со години работи бизнис со ВМРО, човек што помагаше во правењето на ЗНАМ прва верзија. Мицкоски финансираше.

Во партиското соопштение се упатуваат натамошни прашања и пораки во врска со влијанието на поранешното раководство врз актуелните процеси.

На тоа ли мисли Мицкоски кога вели дека „вади коски од минатото“? Доста веќе со коските од ормарот, со тие мумии и балсамирани ликови што направија сè за да ја згаснат СДСМ.

На политички удар се најде човекот кој ја предводеше СДСМ од нејзиното формирање во 1991 година, а подоцна ја извршуваше функцијата премиер и претседател на државата. Во сопствените партиски записи, партијата со години ја истакнуваше токму улогата на неговата влада од 1992 година во зачувувањето на општествената стабилност во почетните години од осамостојувањето.

Овој напад претставува дел од објавеното партиско соопштение насловено „Последни претања на Платформата – ЗНАМ 2.0 – од Левица до Црвенковски“. Преку него раководството ги толкува и претставува барањата за кадровски и структурни промени во партијата како организирана операција која директно му служи на Христијан Мицкоски.

Во истото, заеднички се опфатени иницијативата Платформа, поранешниот градоначалник Петре Шилегов, Максим Димитриевски, партијата ЗНАМ, Левица, како и дел од аналитичарите и медиумите. Раководството ги доведува во корелација со приватни деловни интереси, регионални структури и странски служби, сметајќи ги забелешките кон сегашната гарнитура за дел од координиран напад.

Сите барања за внатрешни реформи се толкуваат како стремеж за преземање функции и евентуална промена на симболите на партијата. За Платформата отворено се тврди дека подготвува нов политички субјект според моделот на ЗНАМ.

Во соопштението притоа не е цитирана конкретна изјава на поранешниот шеф на државата на која партијата директно се осврнува, туку се изнесуваат обвинувања за наводни бизнис релации проследени со лични дисквалификации.