Со доделување на нововостановената награда „Златна Скополија“ на полските филмски автори Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт, вечерва во Македонскиот народен театар (МНТ) беше отворено 26. издание на Скопскиот филмски фестивал.

Признанието, кое годинава се доделува за првпат, е наменето за исклучителен придонес кон светската кинематографија. Шумовска е режисерка, додека Енглерт е снимател и режисер.

По доделувањето на наградата, публиката го проследи нивниот најнов филм „Идиот(и)“ (The Idiot(s)), со Џони Флин и Ејми Лу Вуд во главните улоги.

Фестивалската вечер започна со црвен тепих во 19:30 часот, на кој се појавија филмски автори, актери, меѓународни гости и претставници на културниот живот. Свеченото отворање следуваше во 20 часот.

Меѓу гостите на отворањето беше и српскиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ.

Организаторите најавија модернизиран фестивалски концепт, збогатена програма и засилено меѓународно присуство.

Во меѓународното жири и Фестивалскиот совет учествуваат британскиот филмски критичар и селектор Филип Бергсон, британскиот продуцент Стив Абот, продуцентот Мирослав Могоровиќ, српскиот режисер Павле Вучковиќ и германската филмска селекторка Даниела Вебер. Меѓу нив се и македонската актерка и продуцентка Лабина Митевска и режисерот Даријан Пејовски.

На фестивалот присуствуваат и режисерите Халкавт Мустафа со филмот „No Paradise If You Are Killed by a Woman“, Лоренс Фахардо со „Silenced Nights“, Димитрис Накос со „Life in a Beat“ и Габор Холтаи со „Feels Like Home“.

Меѓународната програма ги вклучува и Сузане Хајнрих и Марчело Бусе, кои го претставуваат филмот „The Miserable Mother“.