Се гласа на 3 480 избирачки места, на кои до 19 часот правото на глас можат да го искористат 1 824 864 граѓани.

Од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1 740 147. Во посебните извори од Избирачкиот список се запишани 82 461 лице, кои се на привремена работа или престој во странство, во согласност со евиденцијата на надлежниот орган, 1 899 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор: 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, во согласност со евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.

Првпат оваа година гласачите ќе се идентификуваат со уреди за биометриска идентификација преку отпечаток од прст. Овие уреди ќе ги содржат само личните податоци за гласачите од Избирачкиот список во избирачкото место.

Исклучок од гласањето со уреди за биометриска идентификација се лицата кои гласаа вчера – болните, немоќните, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, чии барања биле прифатени од општинските изборни комисии. Вчера гласаа и затворениците, лицата во притвор, во старските домови и внатрешно раселените лица.