Во рамки на најавената владина реконструкција, почнува да се комплетира новиот состав на Владата на премиерот Христијан Мицкоски. Откако вчера беше објавена распределбата на ресорите, предлозите за новите министри треба да бидат доставени до Собранието до петок.

ВМРО-ДПМНЕ со Клековски и Велковски

Од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за министер за здравство е предложен Сашо Клековски, актуелен директор на Фондот за здравствено осигурување. Тој претходно беше назначен за в.д. директор на Фондот во 2024 година, а во мај годинава ја презеде директорската функција.

Клековски има завршено Медицински факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и МБА-програма на „Американ колеџ“. Тој е еден од основачите на Македонскиот центар за меѓународна соработка, каде што бил извршен директор од 1994 до 2011 година.

За министер за социјална политика, демографија и млади е предложен Ѓоко Велковски, кој во моментов е заменик-министер во истиот ресор. Велковски е дипломиран економист, а во 2024 година беше министер за труд и социјална политика во техничката влада. Претходно бил и секретар на Град Скопје.

Досегашниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, ќе биде предложен за министер за локална самоуправа. Стоилковиќ е претседател на Демократската партија на Србите во Македонија и долгогодишен пратеник во Собранието.

ЗНАМ го презема земјоделството

Од Движењето ЗНАМ, за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е предложен Борче Серафимовски, кој досега ја извршува функцијата државен секретар во овој ресор.

Според јавно достапната биографија, Серафимовски има завршено студии на Филозофскиот факултет при УКИМ, каде што се стекнал со звање дипломиран дефендолог. Завршил и бизнис-менаџмент на Варненскиот слободен универзитет „Црноризец Храбар“ во Бугарија, магистрирал меѓународни односи во Благоевград, а докторирал на Стопанскиот факултет при Великотрновскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Влен со предлози за правда, култура и односи меѓу заедниците

Од редовите на Влен, за министер за правда е предложен Јетон Шасивари, редовен професор по уставно право на Универзитетот на Југоисточна Европа. Тој е доктор по правни науки и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

За министер за култура и туризам ќе биде предложен Седат Сулејмани, кој досега беше заменик-министер во истиот ресор. Сулејмани ја извршувал оваа функција и во периодот од 2020 до 2021 година, а дел од неговото професионално искуство е поврзано и со граѓанскиот сектор.

Нов министер за односи меѓу заедниците, според информациите, ќе биде Агон Ферати.