Папата Франциск денеска ги пофали младите активисти за климата за нивните напори во борбата против климатските промени и ги охрабри да ја продолжат својата работа „за доброто на човештвото“.
Илјадници млади луѓе од речиси 190 земји се собраа во Милано оваа недела на собирот „Youth4Climate“ за да разговараат за предлозите за борба против климатските промени.
– Се вели дека вие сте иднината, но во овие прашања вие сте сегашноста, вие сте тие што ја создавате иднината, во сегашноста, рече папата во видеопорака.
Папата Франциск силно ги поддржува целите на Парискиот договор за климата од 2015 година и ќе присуствува на глобалниот самит за климата во Глазгов во ноември, доколку тоа му го дозволи здравствената состојба.
Откако стана папа, тој постојано ги повикува владите да преземат драстични мерки за борба против глобалното затоплување и намалување на употребата на фосилни горива.
Во 2015 година, тој напиша енциклика за потребата од заштита на животната средина, ограничување на расипничкиот начин на живот, спречување на глобалното затоплување и заштита на сиромашните од последиците од климатските промени.
– Време е да донесеме мудри одлуки за да го искористиме големото искуство стекнато во последниве години и да овозможиме култура на грижа, култура на одговорно споделување, рече тој.
– Мора да постои хармонија меѓу луѓето, мажите и жените и околината. Ние не сме непријатели: ние не сме рамнодушни. Ние сме дел од космичката хармонија, истакна папата Франциск.