Делегација на Собранието учествуваше на Третата конференција во Ашгабат, посветена на улогата на парламентите во унапредувањето на меѓународното право, дијалогот, довербата и безбедноста. Настанот се одржа на 17 и 18 ноември 2026 година во главниот град на Туркменистан, со учество на претставници од бројни држави членки на ОБСЕ.

Во состав на делегацијата беа Моника Зајкова, потпретседателка на Парламентарното собрание на ОБСЕ и шеф на собраниската делегација во ПС на ОБСЕ, како и пратеничката Мимоза Муса. Настанот беше организиран од ПС на ОБСЕ во соработка со Меџлисот на Туркменистан, собирајќи над сто учесници, пратеници од дваесетина земји, експерти и високи меѓународни функционери.

Конференцијата започна со обраќања на Дуњагозел Гулманова, претседателка на Меџлисот на Туркменистан, Микита Потураев, претседател на ПС на ОБСЕ и генералниот секретар Роберто Монтела. Тие го нагласија значењето на парламентарната дипломатија и доследното почитување на меѓународното право како основа за градење долгорочна стабилност и мир.

Првата работна сесија беше посветена на суверената еднаквост и принципите на парламентарната дипломатија. На втората сесија, фокусирана на еколошката безбедност, климатската отпорност и превенцијата од природни катастрофи, свое излагање имаше пратеничката Мимоза Муса.

Муса посочи дека еколошката безбедност е неодвоив дел од современиот безбедносен концепт и нагласи дека сушите, поплавите и шумските пожари наложуваат заеднички одговор. Таа потсети на искуството на земјата со шумските пожари во 2024 година и важноста на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, а ја истакна и соработката во сливот на реката Дрим, потенцирајќи дека подготвеноста е прашање на политичка одговорност и добро владеење.

Моника Зајкова беше модератор на третата сесија, насловена за предвидувањето на технолошкиот развој и парламентарното управување со новите технологии. Дискусијата ги опфати влијанијата на вештачката интелигенција, автономните системи и дигиталните платформи врз институциите и човековите права.

Во воведното обраќање, Зајкова подвлече дека технолошкиот напредок мора да биде насочен кон човекот и заштитата на приватноста, нагласувајќи ја обврската на парламентите за демократски надзор. Таа укажа дека развојот на технологиите влијае врз политичко-воената, економско-еколошката и човековата димензија на ОБСЕ, повикувајќи на засилена регулација и дигитална писменост.

На завршната сесија беше повторена потребата од продолжување на парламентарниот дијалог, при што учеството на македонската делегација беше оценето како важен придонес кон унапредувањето на мирот, безбедноста и соработката во ОБСЕ регионот.