Тие го информираа за активностите во изминатите неколку дена и нивните обврски како поддршка во гасењето на пожарите во оваа област.
-Ова што го чув последно од последниот брифинг од Армијата е дека ситуацијата е под контрола, што е добро. Јас се надевам дека и временските прилики, со помалку ветер, во наредниве денови ќе ни одат во прилог. Инаку, не можевме самостојно, не можевме тоа да го исконтролираме, Армијата беше практично ударната тупаница на здружените напори на различните институции во Република Северна Македонија, меѓутоа морам да кажам и да се заблагодарам и на државите кои ни помогнаа во тие заеднички напори, истакна претседателот Пендаровски.
Пендаровски рече дека во овој регион во изминатите 4-5 дена има најмногу пожари и затоа и најголем дел од армиските единици се концентрирани тука.
-Ние имаме околу 250 војници на Армијата на Република С. Македонија, тие ќе останат тука додека има потреба, ако има потреба ќе донесеме и повеќе луѓе. Мислам дека во овој момент, во таа човечка смисла, сме добро екипирани, имаме поддршка и од други институции, се разбира, не е само Армијата, и со заеднички напори мислам дека ја држиме ситуацијата под контрола се додека тоа е неопходно, додаде Пендаровски.
Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, ја нагласил важноста од укажаната помош и поддршка од Бугарија, Словенија, Австрија и Србија. Заблагодарувајќи се и за поддршката од Европската Унија, односно, на Агенцијата за цивилна заштита и за хуманитарна помош, претседателот Пендаровски истакнал дека земјава, утрово, добила пристап до заедничкиот сателитски систем на ЕУ, што значително ќе придонесе за рано предупредување од пожари во земјава.