Претседателот Пендаровски изврши обиколка на дел од терените, како и сместувачките капацитети каде се предвидени активности на претстојната вежба „Одлучен Удар-21″ и беше запознаен со планот за подобрување на инфраструктурата и предвидените понатамошни проекти кои имаат цел да го промовираат „Криволак” во современ воен тренинг центар на кој ќе можат да се одржуваат вежбовни операции според сите стандарди на НАТО. Претседателот Пендаровски направи увид и во градежните активности кои се реализираат со цел надградба и проширување на капацитетите за обука и вежбање на полигонот. Претседателот оцени дека Армијата на Република Македонија како НАТО членка со претстојната вежба ќе има одлична можност да ја подобри интероперабилноста со другите земји учесници членки на НАТО.

За време на посетата, на претседателот Пендаровски му беа презентирани и планираните активности поврзани со првичното оценување на декларираниот лесен пешадиски баталјон, според НАТО стандардите „КРЕВАЛ” кое претстои во текот на 2022 година. Претседателот Пендаровски изрази очекување дека успешно ќе бидат оценети борбените способности на овој баталјон, согласно највисоките НАТО стандарди и ќе биде сертифициран како борбено способен за изведување на операции на НАТО.

Претседателот Пендаровски беше запознаен и со фукционирањето на Ковид центарот во рамки на полигонот Криволак, кој е формиран за превентивно спречување на ширењето на Ковид-19, пред и за време на вежбата.

Вежбата „Одлучен удар-21″ ќе се одржи во периодот од 17.05.2021 до 02.06.2021 година на Армискиот Полигон „Криволак”. Околу 1.100 припадници на Армијата на Република Македонија ќе учествуваат на вежбата, а покрај нив ќе учествуваат и армиите на САД со околу 300 припадници и на Република Грција и Република Бугарија со по околу 20 припадници.