Пендаровски истакна оти вложувањето во македонскиот јазик и литература не е трошење на ресурсите, туку градење на нашата единствена комплетна татковина, како дел од европскиот културен и образовен простор.

– Иако има релативно мал број говорители, македонскиот јазик не смее да подлежи на пазарната логика. Тој е внатрешниот фундамент на секој од нас, претпоставка за нашето постоење како Македонци и мора да го третираме како таков. Бидејќи, вложувањето во македонскиот јазик и литература не е трошење на ресурсите, туку градење на нашата единствена комплетна татковина, како дел од европскиот културен и образовен простор, порача Пендаровски.

Претседателот потсети дека на 5 мај 1945 година, во првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ е објавено решението за македонската азбука усвоено од тогашната Народна Влада.

– Тоа решение било изготвено од АСНОМ-ската Комисија за азбука и правопис, чиј член бил и Блаже Конески. Иако е само еден од низата важни историски датуми за развојот и кодификацијата на нашиот литературен јазик, токму 5 мај, во 2019 година, по предлог од Советот за македонски јазик, беше прогласен од Владата за ден на македонскиот јазик, појасни Пендаровски.

Конески, додаде Пендаровски, бил свесен дека македонскиот јазик и македонската писменост имаат свој долг временски континуитет. Процесот што започнал низ народните наречја и преродбениците во 19-от век, кулминирал со Крсте Петков Мисирков кој, според зборовите на Конески „уште на почетокот на 20 век прави целосен и промислен проект за кодификација на нашиот литературен јазик.“

– Конески, како и Мисирков пред него, бил свесен дека јазикот ја дели судбината на народот што е негов носител. Македонскиот јазик му дава легитимитет на македонскиот идентитет. И затоа, Конески сметал дека „нашето јазично прашање ние сами треба да го решаваме и никој нема право да ни се меша во тоа.“ Македонскиот јазик е наше природно и основно човеково право и чувар на нашата колективна меморија, нагласи Пендаровски.