Кандидатот за претседател Стево Пендаровски ја прифати поканата на националниот јавен сервис за учество на дебата со сите противкандидати во претседателската трка:
„Решив да ја прифатам поканата за заедничка дебата на националниот јавен сервис – Македонска радио телевизија, со оглед на тоа дека сите мои противкандидати ја прифатиле поканата да учествуваат во дебатата.
Дополнително, информирам дека останувам на претходно изнесениот став дека е потребно да се расветли случајот во кој имаше јавно изнесени индиции дека јавниот сервис бил користен за изработка на лажни анкети и дебати за рејтингот на политичките партии и кандидатите за претседатели, а со тоа и фабрикување на јавното мислење.
Останувајќи доследен на принципот на транспарентноста за мојата работа и како претседател и како кандидат за претседател во тековната кампања, ја информирам јавноста за овие прашања за кои имаше интерес изминатите денови“ изјави Пендаровски.