Перински тврди дека нема ништо спорно во именувањето заменик-градоначалник

Министерот за локална самоуправа Златко Перински изјави дека Министерството не добило официјално известување од Општина Карпош дека градоначалникот Сотир Лукровски поднел оставка.

Одговарајќи на пратеничко прашање од Митко Трајчулески на собраниската седница, Перински рече дека нема ништо спорно во тоа што Лукровски именувал свој заменик во Општина Карпош.

Тој посочи дека Законот за локална самоуправа му дозволува на секој градоначалник да именува заменик од редовите на Советот на општината.

„Во согласност со член 52 од Законот за локална самоуправа, секој градоначалник, без исклучок, има можност да именува свој заменик од редовите на Советот на таа општина“, рече Перински.

Оставката не се поднесува во Министерството

Министерот нагласи дека евентуалната оставка на градоначалникот не се доставува до Министерството за локална самоуправа, туку до самата општина.

„Градоначалникот Сотир не поднесува оставка во Министерството за локална самоуправа туку поднесува оставка во Општина Карпош, која е должна да го извести Министерството за локална самоуправа“, изјави Перински.

Тој додаде дека до овој момент Министерството нема добиено никакво известување од Општина Карпош за поднесена оставка од Лукровски.

„Јас одговорно ви тврдам дека во овој момент Министерството за локална самоуправа нема добиено известување од Општина Карпош дека градоначалникот Сотир Лукровски има поднесено оставка“, рече Перински.