Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија, по Полска и Бугарија, би можела да ја стопира испораката на гас и за другите европски купувачи ако и тие одбијат да плаќаат во рубљи.
Според Песков, руското барање за плаќање на гасот во рубљи е резултат на западните санкции односно на замрзнувањето на рускиот имот.
– Западот го украде имотот на Русија во непријателска акција без преседан, посочи Песков.
Тој додаде дека одбивањето да се плаќа во рубљи ја одразува желбата на Западот „да ја казни Русија по секоја цена, на штета на сопствените потрошувачи, даночните обврзници и производителите“.
Според Песков стопирањето на доставата на гас на Бугарија и на Полска не претставува уцена.
– Русија и понатаму е сигурен снабдувач со енергенси ресурси и ги почитува договорените обврски, наведе Песков, додавајќи дека барањето за плаќање во рубљи е чисто техничко и оти не се менува цената и другите услови од договорот.