Украина испрати ново барање до Северна Македонија за дополнителна воена помош, изјави на 18 мај министерката за одбрана Славјанка Петровска. Таа рече дека новото барање од украинската страна е класифицирано и дека во моментов го разгледува Генералштабот.

„Минатата недела пристигнато е ново барање, се разбира тоа е класифицирано од украинската страна, се разгледува во Генералштабот на армијата дали можеме и во која мера да одговориме. Ако добиеме позитивно мислење, се разбира соодветно ќе ја известиме јавноста доколку Владата донесе дополнителна одлука“, изјави Петровска.

Таа денеска зборуваше по завршувањето на брифингот по повод отпочнување на активностите на мултинационалната вежба „Брз одговор 23“.

Северна Македонија претходно веќе ѝ донираше воена помош на Укриана. Според податоците на Министерството за одбрана, целото донирано вооружување за одбрана на Украина од руската агресија чини меѓу 24 и 30 милиони евра.

Северна Македонија ѝ донираше на Укриана 12 хеликоптери Ми-24. Овие хеликоптери со години не беа во функција.

Исто така, земјава на Украина ѝ донираше тенкови од советско производство Т-72 и воени авиони Су-25.

Информациите за воена помош за Украина беа објавени во јули 2022 година, откако во медиумите беа објавени фотографии од тенкови натоварени на камиони. Министерството за одбрана на 28 јули потврди дека тие биле дел од донацијата за Укриана.

Официјално Скопје во неколку наврати испрати хуманитарна помош во форма на лекови и медицинска опрема за Украина. На крајот на минатата година, на 6 декември, Владата на Северна Македонија донесе одлука за донирање на зимска опрема на Министерството за одбрана на Украина – виндјакни, џемпери и ќебиња.