Словенија бара отворањето на поглавјата да се одлучува со квалификувано мнозинство

Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар порача дека Словенија останува силен поддржувач на европската интеграција на Македонија и ќе продолжи да се залага за побрз пристапен процес за земјите од Западен Балкан.

По средбата со Гордана Сиљановска-Давкова, Пирц Мусар на заедничка прес-конференција изјави дека Словенија е дел од иницијативата на 15 земји членки на ЕУ кои предлагаат отворањето на поединечни преговарачки поглавја да се носи со квалификувано мнозинство, наместо со консензус.

Таа објасни дека конечната одлука за членство во Европската Унија и понатаму би се носела со согласност од сите земји членки.

„На државите кандидатки им наметнуваме огромен товар за усогласување со европското законодавство. Кога Словенија влезе во Европската Унија во 2004 година, требаше да усогласиме околу 80.000 страници од европското законодавство, а денес земјите кандидати мора да усогласат околу 95.000 страници. Истовремено, премалку се прашуваме што може да направи Европската Унија за процесот да биде побрз и поефикасен“, истакна Пирц Мусар.

„Не е коректно една земја да ја блокира Македонија“

Словенечката претседателка оцени дека актуелниот модел овозможува билатерални прашања да го попречуваат процесот на проширување.

„Денес Македонија е во ситуација поради една земја членка да не може да отвори ниту едно поглавје. Тоа едноставно не е коректно и не е фер кон држава која сака да стане дел од Европската Унија“, нагласи Пирц Мусар.

Таа додаде дека Словенија ќе продолжи да дејствува во рамки на групата земји кои се залагаат за квалификувано мнозинство при отворањето на поглавјата.

Според неа, интеграцијата на Западен Балкан е важна и за стабилноста на Европа.

„Европската Унија пред сѐ е мировен проект. Новите членки носат стабилност и мир во регионот. За Западен Балкан, членството во Европската Унија мора да биде единствениот вистински пат кон стабилност“, рече таа.

Сиљановска-Давкова: Регионалната поддршка е неопходна

Македонската претседателка Сиљановска-Давкова посочи дека и на Балканот треба да постои меѓусебна поддршка каква што постои меѓу скандинавските држави.

„Ако не сме спремни да го разбереме соседот во регионот и да го поддржиме, како може да очекуваме разбирање и поддршка во Брисел? Мислам дека тоа е логично и природно“, истакна Силјановска-Давкова.

Таа ја поздрави словенечката поддршка за македонските евроинтеграции и оцени дека регионалната солидарност е важна за побрз напредок кон Европската Унија.