На самитот во Киев, што Украина го организира по повод годишнината од враќањето на контролата над Буча, пристигнаа и хрватскиот и словенечкиот премиер Андреј Пленковиќ и Роберт Голоб.

Двајцата имаа билатерални средби со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Голоб нагласи дека Словенија сака да учествува во повоената обнова на Украина. Пленковиќ повтори дека таа земја продолжува да ја поддржува Украина преку воена и хуманитарна помош и додаде дека правни експерти за воени злосторства му помагаат на украинското обвинителство во создавањето досиеја за докази.

Се очекува на Самитот да биде усвоена Декларацијата за Буча со која би се изразила потребата сите воени злосторства во Украина да бидат кривично гонети.

„Злосторствата извршени во Буча го покажаа вистинското лице на руската агресија. Ако некој во меѓународната заедница се сомневаше или мислеше дека нешто не е јасно и очигледно од првиот ден на руската инвазија на 24.2, мислам дека Буча покажа која е вистинската цел. Вистинската цел беше да се заплаши украинскиот народ, да се извршат злосторства, да се промовира страв и да се обидат да ги освојат срцата на Украинците. Таа политика не функционираше“, рече Пленковиќ.

На првата годишнина од враќањето на контролата врз Буча, претседателот Зеленски рече дека Киев никогаш нема да им прости на одговорните за „злосторствата во тој град“.

Масовни гробници
Украинските сили ги вратија Буча и Ирпин во близина на Киев на крајот на март минатата година, а меѓународните истражители сега собираат докази во тие и други градови каде, како што тврдат украинските власти, руските војници извршиле големи злосторства, пренесува Ројтерс.

Откако Украина ја презеде контролата врз Буча, во јавноста се појавија фотографии од тела на улиците. Киев тврди дека руските сили го држеле градот 33 дена, а за тоа време биле убиени 1.400 луѓе, меѓу кои 37 деца.

Русија ги негира обвинувањата.

„Повеќе од 175 луѓе се пронајдени во масовни гробници. Сведоци сме на 9.000 руски воени злосторства. Денеска е 365 ден откако Буча е повторно на слобода“, рече Зеленски.