Косовскиот премиер Аљбин Курти за телевизијата Кљан кажа дека неговата влада работи на нови признавања на еднострано прогласената независност на Косово. Потврди дека поради тоа неодамна испратил писмо до една држава, но не сакаше да открие која бидејќи „Србија има мрежа амбасади и надворешна служба која е помоќна од косовската“.

Зборувајќи за петте членки на Европската Унија кои не го признаваат Косово, Курти истакна дека во тоа многу помагаат сојузниците на Приштина. Додаде дека сè уште не им пишал на тие земји со барање да ја признаат независноста на Косово. „Посредници и сојузнички земји многу ни помагаат и верувам дека е подобро да одиме по овој индиректен пат во смисла на напредувањето и добивањето на признавањата“, кажа тој.

Смета и дека новите признавања не зависат во целост од Косово. Најави дека претседателот на Србија Александар Вучиќ нема да добие дозвола да отиде на Косово ако побара. Смета дека „човек како Вучиќ, кој го доведува о прашање масакрот во Рачка и го смета за измислен, е непожелна личност на Косово“.

„Немам добиено никакво барање за таква посета и, нормално, со оглед на околностите во кои се наоѓаме, тој не би бил пожелен на Косово. Ако тоа е лице кое вели дека масакрот во Рачка е измислен и никогаш не го променил ставот, мислам дека не треба да доаѓа на Косово. Нормално дека нема да дадам дозвола. Сега кога кажав дека не давам дозвола, тој нема ни да ја бара. Ќе беше подобро да испратеше барање, но што да правам сега, кажав“, кажа Курти.