За виновни за убиство се прогласени Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19) денеска во Кривичниот суд во случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје на 7 април годинава.

По нецели четири месеци расправа, Судечкиот совет на чело со судијката Елена Илиевска Јосифовиќ одлучи пресудата да ја објави денеска.

За кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик предвидени се најмалку 5 а најмногу 20 години.

По објавувањето на олеснителните околности, судот пресуди затвор од по 18 години за обвинетите Ѓоргиевски и Левковска, а 16 за Костовски.

Судот пресуди и парични казни за судските трошоци, но и да платат оштета на семејството, и тоа 9 милиони денари за родителите, а 8 за братот на убиениот ракометар.