Димитров со младите разговараше за придобивките од членството на земјава во ЕУ и одговараше на нивните прашања околу пристапниот процес.
Тој, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на младите луѓе им порача дека отпочнувањето на пристапните преговори ќе ни даде надеж, но од исклучителна важност е институциите и младите да ги здружат силите за надминување на проблемите.
– Наше е да продолжиме да работиме, во принцип самото зачленување нема преку ноќ да не направи идеални. Пристапниот процес е процес на реформи и алатки за реформи, каде имаме машинерија од Брисел која не мониторира, ни помага. Имаме европски фондови кои ни помагаат да го подобриме квалитетот на живот. Многу е битно – бидејќи ова го правиме за нашите граѓани, за следните генерации – работата дома да не застанува, без разлика на политичките предизвици со нашите соседи од Бугарија. И токму тоа е идејата на „Агенда: Европа дома“ – на некој начин насловот тоа се обидува да го преслика – обезбедување на европски начин, европски стандард на живот дома, порача Димитров.
Како што информира СЕП, најголем интерес за разговор кај учесниците имаше за прашања поврзани со животната средина, билатералните прашања и нивно надминување, младинските политики и зголемениот тренд на иселување на младите.
Димитров потенцира дека иако членството во ЕУ нуди многу можности за младите за студирање, живеење и работење во земјите членки на Унијата, истовремено влијае и врз намалување на потребата да се оди надвор.
Тој им се заблагодари на младите за интересот да учествуваат во дискусијата и им порача да веруваат во себе и да продолжат да бидат активни во областите кои се од нивни интерес.
Покрај средношколци и студенти, на втората виртуелна средба на Младинското градско собрание се вклучија и претставници на младински граѓански организации од Скопје, Тетово и регионот на Штип. Целта на овие виртуелни средби е овозможување отворен разговор на теми поврзани со Европската Унија и процесот на пристапувањето на Северна Македонија