Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани побара Шпанија да биде суспендирана од шенгенскиот простор, по масовниот илегален влез на мигранти во шпанската енклава Сеута во Северна Африка. Неговата реакција следува по вчерашниот инцидент, кога стотици мигранти пристигнаа на територијата на енклавата, откако допливаа од мароканската страна.
„Поддржувам затворање на шенгенскиот простор кон Шпанија“, напиша Тајани на платформата „Икс“, осудувајќи ја, како што наведе, „нерегуларната и неконтролирана миграција“.
Според Шпанската цивилна гарда, мигрантите ја преплавиле границата во Сеута и ги совладале крајбрежните полициски сили. Во инцидентот загинале девет мигранти, а шпанските вооружени сили испратиле дополнителни 60 војници како засилување на полициските сили.
Државната телевизија „Те-Ве-Е“ објави дека границата ја преминале меѓу две и три илјади млади луѓе. Истовремено, шпанската новинска агенција „ЕФЕ“ јави дека стотици мигранти се качувале преку заштитната ограда, која во тој момент не била под полициски надзор, и влегувале во Сеута.
Сеута и Мелилја се двата шпански автономни града во Северна Африка и ја претставуваат единствената копнена граница на Европската Унија со африканскиот континент. Овие енклави периодично се соочуваат со бранови мигранти кои се обидуваат да стигнат до Европа.
