Германија, Норвешка, Холандија и Европската Унија ги повикаа шефовите на руските дипломатски мисии акредитирани во нивните земји, откако Москва се закани со нови напади врз Киев и ги повика странците, вклучително и дипломатите, да го напуштат украинскиот главен град.

Од Европската комисија порачаа дека Русија се обидува да посее паника и страв во Украина и да ја изолира земјата, но дека тоа нема да успее. Портпарол на Комисијата изјави дека руските воздушни напади станале секојдневие за украинските граѓани и потсети дека и претставништвото на ЕУ во Киев претходно било погодено во руски напади. Брисел предупреди дека секој напад врз цивилни цели претставува воено злосторство и дека одговорните ќе сносат последици за кршење на меѓународното право.

Во меѓувреме, претседателот на руската Државна дума, Вјачеслав Володин, предупреди дека Русија би можела да употреби нуклеарно оружје доколку биде нападнато руското цивилно население.

„Ова може да нè натера да употребиме оружје по кое нема да остане ништо“, изјави Володин, апелирајќи да не дојде до дополнителна ескалација на конфликтот.

Руското Министерство за надворешни работи вчера ги повика странците да го напуштат Киев поради најавените напади врз објекти на украинската одбранбена индустрија. Москва тврди дека нападите се одмазда за украинскиот напад со дронови врз студентски дом во Старобелск во Луганската област, при што загинаа 21 лице на возраст од 14 до 18 години.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди одмазднички мерки, а во изминатите денови руските сили започнаа масовни напади врз Украина, при што била употребена и балистичка ракета со среден дострел „Орешник“. Според украинскиот Генералштаб, една од целите на нападите бил команден центар за беспилотни летала.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во телефонски разговор го информирал американскиот државен секретар Марко Рубио за претстојните руски напади врз Киев, додека украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ваквите пораки ги оцени како уцена и ги повика странските дипломати да не го напуштаат градот.

Во текот на ноќта, руските сили ја нападнаа Украина со повеќе од 100 беспилотни летала и две балистички ракети.