Управата за јавни приходи изминатиот викенд спроведе 18 контроли за фискализација согласно Законот за регистрирање на готовински промет (ЗРГП), на подрачјето на Општина Виница и Свети Николе каде што се одржаа настани на отворено.
Од извршените контроли утврдени се неправилности кај шест даночни обврзници на територија на општина Виница и тоа кај два даночни обврзници констатирани се неправилности по основ на неиздавање на фискални сметки, а кај четири физички лица беше констатирано вршење на нерегистрирана дејност, кои понатаму по службена должност се проследени кај Државниот Пазарен Инспекторат (ДПИ) за понатамошно постапување. Во Свети Николе не биле констатирани неправилности.
Управата за јавни приходи уште на почетокот на летната сезона најави за активностите што ќе ги спроведува во поглед на усогласеноста кај даночните обврзници и редовно објавуваше за спроведените активности, а со исто темпо ќе дејствува и понатаму. Настани на отворено ќе се одржуваат и во септември, а со тоа Управата за јавни приходи продолжува со редовни контроли и следење на усогласеноста на даночните обврзници.