Турскиот претседател Реџеп Таjип Ердоган денеска во Њујорк ја повика меѓународната заедница на целосно укинување на механизмот за вето во Обединетите нации и предложи темелна реформа на Советот за безбедност.
Говорејќи во Турската куќа („Туркеви“) по завршувањето на учеството на 81. сесија на Генералното собрание, тој оцени дека сегашната поставеност, во која петте постојани членки можат еднострано да ја блокираат волјата на над 190 земји, ја нарушува глобалната стабилност и правда.
„Нека се укине механизмот за вето. Да преминеме од модел на ОН што штити само пет членки кон механизам што ги опфаќа сите држави. На светот повеќе не му требаат нови ѕидови, туку нови мостови“, рече Ердоган.
Во продолжение, претседателот истакна дека е потребно поефикасно Генерално собрание со избрани членки што ќе имаат ограничен мандат и ќе мора повторно да ја стекнат довербата на меѓународната заедница при нeгово продолжување.
– Целта е Африка, Азија, Латинска Америка, исламскиот свет и Европа рамноправно да ја претставуваат својата политика и интереси, појасни тој.
Осврнувајќи се на ситуацијата во Газа, Ердоган оцени дека трајниот мир на Блискиот Исток е неизбежно условен од итен и долготраен прекин на огнот, како и создавање достоинствена иднина за Палестинците. Тој го обвини Израел дека ги попречува мировните напори и продолжува со нападите, иако според него, Хамас и другите страни се покажале подготвени за решение.
Покрај тоа, претседателот повика САД и другите влијателни земји да извршат притисок врз Израел за имплементација на мировниот план, вклучително и брза обнова на Газа и политички гаранции за Палестинците.
Во однос на црноморскиот регион, Ердоган најави интензивирани дипломатски напори за повторно воспоставување на коридорот за транспорт на жито преку Црното Море и откри дека за ова разговрал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, од кого добил позитивен сигнал.
„Безбедноста на Црното Море е од клучна важност за сите нас. Црното Море не е фронт во оваа војна и никогаш не смее да стане тоа“, заклучи Ердоган.
