По долго и тешко боледување почина Мирослав Ќиро Блажевиќ, фудбалскиот тренер над сите тренери.
Ќиро почина на 87 годишна возраст, еден ден пред неговиот роденден, во болница откако синоќа му се влошила здравствената состојба.
Повеќе години се бореше со карцином на простата, а во последната негова изјава дадена пред само неколку дена, истакна дека целиот организам му е зафатен од болеста.
Зад себе ја остави сопругата Зденка со која има три деца, ќерките Барбара и Катарина и синот Мирослав.
Ќе остане запаметен како фудбалска легенда, тренер над сите тренери. Прогласен е за „Тренер на векот“ на Динамо, како експерт кој по 24 години на клубот му ја донесе титулата првак. Тој ја промени и крвната слика на целиот клуб, кој потоа доживеа невидена популарност.
Хрватската фудбалска репрезентација ја предводеше на 73 натпревари, а ја донесе и до светска бронза во Франција во 1998 година. Блажевиќ му беше ментор и на актуелниот селектор на „коцкестите“, Златко Далиќ кој неодамна му ја посвети бронзата од Мундијалот во Катар.
Својата блескава тренерска кариера Блажевиќ ја започна во Швајцарија, во нисколигашот Вевеј, потоа го презеде Сион со кој го освои првиот тренерски трофеј, Купот на Швајцарија во 1974 година. Ги предводеше и Лозана Спорт а во 1976 година ја водеше швајцарската фудбалска репрезентација на два меча. По враќањето во Југославија работеше во Риека, Динамо.
Покрај Швајцарија, беше селектор и на Југославија и Хрватска, а на клупско поле раководеше со клубови во уште шест земји: Франција (Нант, 1988-1990), Грција (ПАОК, 1991/1992), Словенија (Мура 2003) и Кина (Шангај Шенхуа, 2010).