Обвинителството потврди дека ќе биде извршена обдукција
Љупчо Грнчиштанов, долгогодишен инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување и еден од обвинетите во главниот предмет за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, починал откако му се слошило во домашни услови.
Информацијата ја потврдија од Јавното обвинителство, од каде што соопштија дека ќе биде наредена обдукција за утврдување на причините за смртта.
„Јавното обвинителство е известено. Обвинетиот починал откако му се слошило во домашни услови. Основното јавно обвинителство Скопје ќе издаде наредба за обдукција“, информираше обвинителството.
Му се судеше во предметот за пожарот во „Пулс“
Грнчиштанов беше меѓу 35-те обвинети во главниот судски процес за пожарот во дискотеката „Пулс“, што се случи на 16 март минатата година.
Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Според обвинението, на Грнчиштанов и на останатите обвинети им се судеше за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.
Тој беше обвинет затоа што, според наводите на обвинителството, „не ја координирал и организирал работата на инспекциската служба“.
