Почина Самка Ибраимовски, лидер на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), поранешен пратеник во Собранието на Македонија и поранешен министер без ресор.

Тажната вест ја објави новинската агенција на ромски јазик „Рома Прес“. Преку емотивна порака, соработниците се простија од долгогодишниот политички претставник на ромската заедница.

Ибраимовски беше долгогодишен политички активист и претседател на ПЦЕР. Во текот на својата долгогодишна кариера тој извршуваше повеќе значајни државни функции, меѓу кои пратенички мандат во македонскиот парламент, функцијата министер без ресор во Владата, како и одговорни директорски позиции.

Во својот долгогодишен општествен ангажман, Ибраимовски беше препознатлив по постојаното застапување на интересите и правата на ромската заедница во Македонија.

„Денес нè напушти човек кој остави свој белег во политиката“, се наведува во прошталната порака на „Рома Прес“.

Засега не се соопштени дополнителни официјални информации во врска со точната причина за смртта.