Новата градинка „Пролет“ треба да биде изградена во рекордно време

Во населбата Козле денеска беше поставен камен-темелникот за изградба на новата детска градинка „Пролет“, а премиерот Христијан Мицкоски порача дека вложувањето во децата и нивниот развој останува еден од врвните приоритети на Владата.

Тој истакна дека секој нов ваков објект значи подобри услови за живот и поквалитетна грижа за најмладите.

„Еве почнуваме еден убав нов објект кој што има за цел да обезбеди пристојни услови би рекол, современи услови за нашите најмлади, за децата. Тоа претставува наш врвен приоритет овде во Општина Карпош. Јас нема да се задржувам на техничките детали, веќе ги спомнаа градоначалникот и министерот. Јас само може да кажам дека секој еден ваков почеток е нешто кое што преставува голем успех во смисла на тоа дека ќе обезбедиме подобри услови за живот еве да речеме во тие моменти кои ќе ги поминуваат нашите дечиња во овој објект“, рече Мицкоски.

Родителите да бидат сигурни дека децата се згрижени

Премиерот нагласи дека Владата ќе продолжи со реализација на проекти што обезбедуваат подобри услови за раст и развој на децата.

„Ќе учат, ќе другаруваат нешто кое што за нас претставува како што кажав врвен приоритет и оваа Влада во иднина ќе продолжи на тој начин да се однесува. Да реализира вакви проекти, бидејќи само на овој начин можеме да обезбедиме пристојни услови за развој на нашите најмлади, но истовремено и родителите кој што ќе ги остават своите дечиња во овој ново изграден објект кој што ако биде се како што треба би требало да се изгради во рекордно време ќе се чувствуваат сигурни дека децата се згрижени дека ја добиваат негата што им е потребна и се разбира тука ќе се образуваат и ќе другаруваат. Нека им е со среќа и уште многу вакви објекти да ни се множат“, порача Мицкоски.