Во Собранието почна расправата за ребалансот на Буџетот за 2022 година. Ребалансот на државаната каса, како што образложи министерот за финансии Фатмир Бесими, има две цели – да ја задржи стабилноста и да ги поддржи економијата и граѓаните.

За пратениците од властта, со ребалансот се овозможува продолжување на досегашните мерки и политики за справување со последиците од светската економска криза. Ставот на опозицијата што го изнесе денеска на собраниската Комисија за финансирање и буџет е дека овој ребаланс е директен доказ за тоа дека земјава е на раб од банкрот, економски разрушена, испокрадена, во која на дневна основа се зголемува сиромаштијата.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека државата никогаш немала повисока стапка на јавен долг, и оти имаме највисока инфлација во последните 20тина година, огромен недостаток на домашно производство на електрична енергија, најнизок економски раст во регионот, но, и како што нагласија, најкорумпирана власт која за пет години успеала да уништи сиот институционален капацитет кој се создавал во минатото.

-Со оваа власт на СДСМ и ДУИ кризата ќе се продлабочува бидејќи тие се извор на кризи. Со ребалансот ништо нема да се промени на подобро, туку Македонија ќе продолжи да тоне уште повеќе, рече Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

За пратениците од СДСМ, пак, преку овој ребаланс со одговорен пристап се остварува заштеда на сериозни средства кои ќе се искористат за директна помош за граѓаните и стопанството.

Се крати секаде каде тоа е можно, рече пратеникот Диме Велковски од СДСМ, за да се супституираат ценовните шокови кои ги има во целиот свет.

Претходно, на почетокот на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека со предлог-ребалансот на Буџетот треба да се постигнат две основни цели – прво, да се одржи макроекономската стабилност, што, вели, е од суштинско значење за понатамошниот раст и развој на секоја економија и второ, да се поддржи економијата за враќање во претпандемиското ниво, како и одржување на социјалната сигурност на граѓаните.

Според него, цели кои треба да се постигнат со овој документ е таргетирана поддршка за граѓаните и фирмите за надминување на предизвиците кои ги донесоа новите светски кризи.

-Ова ќе се постигне преку антикризни мерки, раст на пензиите и минималната плата, раст на поддршката за социјалните категории и раст на субвенциите за земјоделците со цел да се поттикне домашното производство. Понатаму, реализација на амбициозна инвестициона агенда во инфраструктурата од над половина милијарда евра, со цел да се даде поддршка на економскиот раст, во услови на забавување на светската економија и фискална одржливост и зачувување на макроекономската стабилност, посочи во своето излагање министерот за финансии Бесими.

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи….

Економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти што е намалување за 1,4 процентни поени во однос на макроекономските проекции кога се креираше Буџетот, а стапката на инфлација е проектирана на 7,2 проценти. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари односно 5,3 проценти од БДП што е за 9,1 процент повеќе во однос на првичниот буџет. Дефицитот и отплатата на надворешниот и на домашниот долг, како што беше посочено на презентацијата на ребалансот, ќе се финансираат преку задолжување од меѓународниот и домашниот пазар.

Во ребалансот на Буџетот предвидени се околу 70 милиони евра за антикризни мерки кои, како што најавуваа владини претставници во изминатиов период, ќе бидат таргетирани кон оние на кои им се најпотребни.

Седницата на матичната Комисија за финансирање и Буџет која го разгледува ребалансот ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.