Половина Германци нема да користат јавен превоз додека има субвенционирани месечни билети. Мерката што трае од почетокот на јуни предизвика големи проблеми и метеж, покажуваат податоците од анкета, објавена денеска.

Следниве месеци, во никој случај јавен превоз нема да користат 49 отсто од анкетираните. Осумнаесет проценти од граѓаните ќе избегнуваат јавен превоз, покажа истражувањето за новинската агенција ДПА, спроведено од институтот Југов.

Јавен превоз нема да избегнуваат 21 отсто од анкетираните лица.

Од 1 јуни, граѓаните може да патуваат низ цела Германија по намалена цена на месечниот билет, што сега чини девет евра.

Станува збор за дел од планот на Владата за растеретување на граѓаните поради поскапените енергенти. Во истот пакет спаѓа и намалувањето на цените на горивата, како и еднократната помош од 300 евра за ублажување на последиците од зголемените цени на енергентите.

По воведувањето на субвенционираните месечни билети, поради големиот прилив на патници, доаѓа до сериозни нарушувања во јавниот превоз, особено во локалните возови, пишуваат германски медиуми.

За време на минатиот викенд, што поради празникот траеше три дена, поради оптоварување, дојде до укинување на бројни возови. Особено имаше укинување на возови што одат во насока на туристички места на Северното и Балтичкото Море и на Алпите.