На седницата на ДИК е усвоено и упатство за гласање на болните и изнемоштените лица кои ќе гласаат како и досега со примена на УВ ламба и спреј и за кои нема да се користат терминалите за вчитување на отпечатоци од прсти.
– Новина на овие избори во овој Правилник е што се воведува задолжително обезбедување при транспортот на избирачкиот материјал од страна на полицијата од ОИК до Избирачките одбори и обратно. Се работи, пред се, за доверливиот материјал гласачките ливчиња и Избирачкиот список, но овој пат за првпат и со измените на законот и техничката опрема за гласање за идентификација на гласачите при гласање преку отпечаток од прст. Тоа значи дека целокупниот доверлив изборен материјал се регулира да биде задолжително обезбдувањето, чувањето и транспортот од страна на полицијата, објасни членот на ДИК Борис Кондарко.
Исто така, во прилог на овој Правилник се донесува и образец за повикување на полициија што ќе им се достави на избрачките одбори. ДИК на секои избори па и на овие ќе соработува со Централниот изборен штаб на МВР за изборите.
ДИК изготвува посебно упатство и процедури за воведувањето на техничката опрема за вчитување на отпечаток од прст, во врска со транспортот, чувањето, како во самите простории на ДИК, за што ќе се предвидат сите неопходни заштити, потоа на кој начин ќе се регулира транспортот, чувањето, податоците со кои ќе биде аплицирана техничката опрема со цел заштита на личните податоци и опремата за гласање во врска со изборниот процес.
Потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, соопшти дека на овие избори болните и немоќни лица нема да бидат проверувани со терминалите за отпечатоци од прсти туку дека тие ќе гласаат како и досега со УВ ламба и спреј. ДИК усвои упатство за начинот на гласање на овие лица и условите што се потребни да ги исполнат за да можат да гласаат на ден пред изборите и во своите домови. Барањето и медицинските документи тие треба да ги достават до подрачните единици и канцеларии на ДИК или преку полномошник и по електронски пат.
На локалните избори закажани за 17 октомври во земјата првпат треба ќе се користат терминали за вчитување на отпечатоци од прсти. Првите 250 апарати се најавени да пристигнат утре во ДИК.