Просечното домаќинство во државата во последните 20 години има загубено по половина член и бележи намалување од 3,6 членови во 2002 година, на 3,06 членови во 2021 година.

Ова е тренд во сите општини освен во Чаир, Шуто Оризари и Чашка во кои има раст и во Сарај, Градско и Пехчево, каде има стагнација.

Општина со најмалку членови по домаќинство е Македонска Каменица – 2,43, а со најмногу се Арачиново и Желино по – 4,45.

Сепак, иако Арачиново и Желино во просек имаат најголеми домаќинства, и тие бележат пад во последните 20 години, и тоа Арачиново од 0,66, а Желино за 0,22.

Дебар и Македонска Каменица се општини кои имаат најголем пад и имаат загубено по околу еден член од семејството и тоа Дебар – 1,28, а Македонска Каменица – 0,90.

Просечното домаќинство е најголемо во Полошкиот регион и брои 3,48 членови, додека е најмало во Источниот регион со 2,69 членови. Најголемо намалување во бројот на членови по домаќинство има во Југозападниот регион – 1,32 членови, од 4,41 во 2002 на 3,09 во 2021 година.

Од вкупно 80 општини во над половина просечното домаќинство има меѓу 2,5 и 3 члена, 23 проценти бројат од 3 до 3,5 члена, 15 проценти од 3,5 до 4 члена, 7,5 проценти над 4 члена и 2,5 проценти под 2,5 члена.

Трендот на намалување е присутен од осамостојувањето досега, кога во 1994 година на првиот попис од независноста просечниот број на членови во едно домаќинство бил 3,85.

Интересно е дека додека бројот на население по Втората светска војна бележи постојан раст, исто како и вкупната бројка на домаќинства, сепак бројот на членови по домаќинство се намалува. Така, на пописот во 1953 имало вкупно 1 304 514 жители, просечното семејство броело 5,30 членови. Од тогаш па навака, на сите пописи бројот на членови по домаќинства е во пад 1961 – 5,02; 1971 – 4,68; 1981 – 4,38; 1994 – 3,85; 2002 – 3,58 и 2021 – 3,06.

Според податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 – вкупното резидентно население во земјава изнесува 1 836 713 лица. Со ова земјава се вратила на нивото од пред пописот во 1981 година, кога за прв пат на територијата на нашата земја имало над 1,9 милиони жители, бројот на домаќинства изнесувал – 435 372, а просечното семејство броело 4,38 членови. Според густината на население, тогаш имало 74,2 жители на километар квадратен, а на последниот попис во 2021 – 71,43 жители на километар квадратен.

Најмногу жители имало на пописот во 2002 година, кога сме броеле 2 022 547 луѓе, со густина од 78,65 жители на километар квадратен.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 е прв попис на кој се попишуваше и нерезидентното население – 260 606 граѓани, кои во време на пописот престојуваат 12 или повеќе месеци надвор од државата.

Скопски регион

Скопскиот регион е единствен од сите осум статистички региони каде во последните 20 години има раст на населението, и тоа од + 4.99 проценти, како и раст на домаќинствата 15,14 проценти. Сепак просечното семејство во просек се намалило за по 0,39 членови, на 3,15.

Општини со најмало просечно домаќинство во овој регион се Центар – 2,57, Карпош – 2,59 и Аеродром – 2,79, додека со најголеми домаќинства се Арачиново – 4,45, Сарај – 4,44 и Студеничани – 4,29.

Раст во бројот на членови во домаќинството имаат само Чаир од + 0,18 и Шуто Оризари од + 0,14 члена, Сарај бележи стагнација, додека сите останати имаат пад.

Најголемо намалување во бројот на членови по домаќинство во последните 20 години имаат Арачиново – 0,66 и Ѓорче Петров – 0,61. Во просек за околу половина член се намалени и домаќинствата во Аеродром, Зелениково, Илинден и Студеничани. Најмало намалување во просечниот број на членови во домаќинството има во Општина Бутел – 0,25 члена.

Вардарски регион

Вардарскиот регион има најмал број на жители и е најретко населен регион со густина од 34,3 жители на метар квадратен. Во последните 20 години регионот има загубено 10,23 проценти од населението и е единствен регион во земјава каде има и намалување на домаќинствата – 1,45 проценти и на становите – 3,83 проценти.

Просечното семејство е намалено за 0,29 членови од 3,26 во 2002 на 2,96 членови по домаќинство во 2021 година.

Раст на просечниот број на членови во домаќинството има само во општина Чашка + 0,20, која е и општина со најголемо просечно домаќинство со 3,71 член, додека стагнација има во Градско, а во сите останати седум општини има намалување.

Најмало просечно домаќинство има во општина Демир Капија – 2,62, додека под три членови во домаќинството имаат општините – Велес, Кавадарци, Неготино, Лозово и Свети Николе.

Источен регион

Источниот регион има 150 234 жители и е на претпоследно место по густина на населеност со 42,47 жители на квадратен километар. Бројот на жители во регионот во последните 20 години е намален за 31 626, исто како и бројката на домаќинства – 2 115 или минус 3,79 проценти.

Просечното семејство во регионот е намалено речиси за половина член од 3,14 членови во 2002 година, на 2,69 членови во 2021 година.

Намалување на просечното семејство има во сите десет општини во регионот, освен во Пехчево, каде има стагнација на 2,71 члена. Сепак домаќинствата во сите 11 општини се под тројца членови.

Најмало просечно домаќинство има во општина Македонска Каменица – 2,43 члена, додека најголемо просечно домаќинство имаат Виница и Чешиново-Облешево со по 2,88 членови.

Југозападен регион

Југозападниот регион со 177 398 луѓе се наоѓа на четврто место и по територија и по бројот на население. Интересно е дека иако бројот на жители во регионот за 20 години е намален за 19,93 проценти, во исто време, бројот на домаќинства е зголемен за 12,53 проценти.

Ова е регион каде има најголемо намалување во бројот на членови по домаќинство од 1,43 члена, на 3,09 во 2021 година, споредено со 4,41 член во 2002 година.

Најмногу членови по домаќинство има Дебар – 3,71, додека над 3,5 члена имаат и општините Вевчани и Струга. Најмало просечно домаќинство има Дебрца со 2,71 член, додека под три члена имаат и домаќинствата во општините Кичево, Македонски Брод и Охрид.

Југоисточен регион

Југоисточниот регион е на седмо, претпоследно место по бројот на население со 148 387 жители. За 20 години регионот има загубено 23 029 жители или 13,43 проценти од населението, додека бројот на домаќинства бележи раст од 5,39 проценти.

Домаќинството во регионот во просек има загубено над половина член и е намалено од 3,45 члена во 2002 година, на 2,82 члена во 2021 година.

Најмногу членови по домаќинство имаат Босилово – 3,03 и Валандово – 3,04, додека најмалку Ново Село – 2,49 и Гевгелија – 2,57 членови. Сите останати општини имаат под 3 члена во домаќинство.

Најголем пад во просечниот број на членови има Ново Село, каде загубиле околу 1,20 членови по домаќинство.

Пелагониски регион

Пелагонискиот регион е трет по бројот на население и во него живеат 210 431 жител. Додека регионот за 20 години има загубено 11,63 проценти од населението, бројот на домаќинства е зголемен за 1 494 или 2,06 проценти.

Просечното домаќинство во регионот е намалено за – 0,38 членови од 3,28 во 2002 година, на 2,90 во 2021 година.

Во просек најмалку членови по домаќинство имаат Прилеп – 2,81 и Битола – 2,82, додека најмногу членови имаат Долнени – 3,69 и Крушево – 3,40 членови. Над 3 члена имаат и домаќинствата во општините Кривогаштани, Могила и Новаци.

Најголем пад во бројот на членови имаат домаќинствата во Ресен и Могила кои во просек имаат загубени по половина член.

Полошки регион

Полошкиот регион има 251 552 жители и е втор по број на жители. Иако за 20 години има загубено 17,29 проценти од населението, вкупниот број на домаќинства е зголемен за 4,5 проценти. Просечното домаќинство е намалено за 0,92 члена, од 4,40 во 2002 година, на 3,48 члена во 2021 година. И покрај намалувањето од речиси еден член по домаќинство, ова е регион со најголемо просечно семејство во земјава.

Најмало просечно домаќинство во регионот има во општина Гостивар – 2,98 и е единствена општина со под 3 члена по домаќинство. Најголемо просечно домаќинство има општина Желино со 4,45 члена, додека над три и пол члена по домаќинство имаат и општините – Боговиње, Брвеница, Врапчиште, Теарце и Тетово.

Намалување на бројот на членови во домаќинството има во сите девет општини. Најмногу еден и пол член по домаќинство има загубено Гостивар, од 4,48 во 2002 година, на 2,98 члена во 2021 година. Над еден член по домаќинство имаат загубено и општините Врапчиште и Маврово и Ростуше.

Североисточен регион

Североисточниот регион има 152 982 жители и е петти според бројот на населението, а трет по густина. Додека бројот на жители за 20 години е намален за 11,46 проценти, бројот на домаќинства во регионот е зголемен за 4,35 проценти.

Просечното домаќинство има загубено 0,57 члена, од 3,73 во 2002 година, на 3,16 во 2021 година.

Најмалку членови по домаќинство има Крива Паланка – 2,59, додека најмногу Липково – 4,12. Над три члена по домаќинство во просек во регионот има само уште во Општина Куманово – 3,22, додека во сите останати е под 2,6 члена.

Интересно е дека иако најголемо намалување во бројот на членови во домаќинство има во Липково – 0,95, сепак тоа е општина со најголемо просечно семејство во регионот. Над половина член од домаќинство имаат загубено и Кратово, Крива Паланка и Куманово.