– Дали содржина која повикува на дискриминација и на поделби е можеби делот од содржината каде се вели дека Гоце Делчев е Македонец кој се борел за македонската држава или можеби повикува на поделби и омраза каде се вели дека во Втората светска војна била окупирана од фашисти, а не како што велат они дека биле администратори. Тоа се срамни, поразителни ставови за една политичка партија во Македонија, рече Попов, коментирајќи ги ставовите на министерството за образование и наука кога велат дека има дискриминација и поделби во содржините на учебниците.
Попов се осврна и на подготвеноста за дигитални учебници.
– Се поставува прашање за подготвеноста на Македонија за дигатализација на учебници, кој ќе ги пишува, кој ќе ги одобрува. Велат содржината била главна причина што ќе менуваат. Јас не би им дал ним буква да сменат. Ние немаме техничка подготвеност, најголем дел од училиштата се руинирани, а ќе треба интернет, технички кадар и мал милион детали кои мислам дека ова министерство ги нема разгледано. Исто така имаат ли обучен кадар. А сето ова ќе предизвика и дискриминација меѓу децата економска, социјална, немаат сите можности за уреди, рече Попов.
Тој укажа дека во КОВИД пандемијата се покажа дека не може да се следи наставата онлајн, а не како што планираат сега да има само дигитални учебници.
– Нив не ги интересира дали може да се реализира нешто. Тие гледаат само да имаат финансиски бенефит, тоа го направија дури и со вакцините, они пробаа и на тоа да извлечат финансиска корист, вели Попов.
Тој посочи дека во учебниците има застарени податоци, и тоа час поскоро она што треба да се смени е во учебниците по историја да се пишува за, како што вели, оваа најнеспособна влада.