На денешната седница на Советот на Град Скопје се обрати советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Ирена Попова која се осврна реализацијата на буџетот за 2021 година, како и на транспарентноста која што после четири години повторно е вратена во Советот на Градот Скопје, односно на отворените седници кои он-лајн се пренесуваат на социјалните мрежи со цел граѓаните да бидат запознаени со тековната работа на Советот на Градот Скопје, како и во однос на донесувањето одлуки кои се однесуваат на скопјани.

Таа додава дека доколку се разгледаат извештаите за реализацијата на проектите, ќе се забележат најмногу нули, кои што значат слаба, односно никаква реализација на проекти во градот Скопје.

Попова истакна дека пред четири години скопјани требаше да добијат нов луна парк, односно самиот луна парк беше доведен до финална фаза и крајна реализација на истиот. Но, како што вели Попова, некој од најразлични причини или лична суета, решил да го стопира градењето на луна паркот во Скопје. Таа додава дека поранешниот градоначалник Шилегов изминатите неколку години велел дека проектот ќе се предимензионира, односно на истата локација ќе никне нов забавен парк, но како што гледаме истиот не е ниту почнат. Ова само говори за лажните и празни флоскули кои Петре Шилегов ги користеше за замајување на јавноста цели четири години, вели Попова.

„Ова го зборував и на изминатите седници во поранешниот советнички состав, но не можам да го заобиколам ниту сега. Зборуваме за локалниот економски развој. Замислете, од предвидени 51-проект за развој на локалната економија, реализирани се едвај десет проекти. Во однос на образованието, сакам да прашам каде се 280 милиони денари кои беа вишок во училиштата од дотациите предвидени исклучиво за развој на образованието? Тоа се пари кои што Собранието преку донесувањето на буџет ги обезбеди за развој на образованието, но и покрај пренамената на средствата, очигледно е дека тие средства се злоупотребени и не се наменети за развој на младите воопшто. Да не зборуваме за програмата за животна средина, каде што се остварени само субвенциите за клима инвертери и електрични тротинети. Тоа значи дека апсолутно ништо не е направено ниту за животната средина“, додаде Попова.

Попова запраша и дали некој може да одговори како се потрошени средствата за извидничкиот камп, каде што јавноста имаше шанса да види како малолетни лица биле злоупотребени и присилно натерани да учествуваат на камп за сексуална едукација. Градот Скопје треба да точно да знае кому доделува средства и за што се трошат тие пари, а не парите на граѓаните да се користат за злоупотреба на нивните деца, истакна Попова.

Во однос на привремени вработувања, поранешниот градоначалник Шилегов потрошил 28 милиони денари и за тоа може да се каже дека е единствената ставка каде што поранешниот градоначалник го сработил својот дел и ситуирал партиски другари во Градот Скопје. Петре Шилегов, како и сите негови соработници треба да одговорат каде се парите кои што не се искористени за развој на градот, а биле планирани, како и тоа да одговори на граѓаните каде се парите од продажбата на Градската Куќа, заврши Попова.