Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) соопшти дека ја задолжила компаниите ЕСМ Снабдување, ЕСМ Енергетика и Енерџи Еколинк (поранешна Топлана Скопје Север) да продолжат со испорака на топлинска енергија и на 1 и 2 мај, иако грејната сезона официјално завршува на 30 април.
Како што информира РКЕ, одлуката е донесена согласно целите на Законот за енергетика за обезбедување квалитетно снабдување со енергија и заштита на правата на потрошувачите.
Одлуката следува по добиените петдневни податоци за среднодневната температура на воздухот од Управата за хидрометеоролошки работи, кои покажуваат дека во наредните денови се очекуваат невообичаено ниски температури за овој период од годината.
Според РКЕ, целта е да се обезбедат високи стандарди во исполнувањето на јавната услуга за снабдување со топлинска енергија за греење.
