За македонската страна решението на билатералното прашање мора да води грижа за интересите на двете страни. И македонската и бугарската страна средбите во Софија ги оценија како значаен исчекор што ќе ги поттикне идните чекори за решенија за отворените прашања, на кои двете страни ќе посветат сериозно внимание и заедно ќе работат низ отворен и искрен дијалог.

Премиерот Заев, средбата со неговиот бугарски колега Стефан Јанев, ја оцени како исчекор кон изнаоѓање решение, кое треба да биде во интерес на двете страни.

– Разговаравме за суштината и структурата на можното решение на проблемот преку патоказот, секторската соработка во сите можни области, со конкретни рокови, конкретни институции, како и за интензитетот на работата на историско-образовната комисија. Го искоментиравме и португалскиот предлог. Бугарија е членка на ЕУ и во рами на Унијата разговара за деловите кои се однесуваат на ЕУ. Наше е да разговараме за делот на билатералните прашања кои навистина не се невозможни да бидат решени. Верувам дека постои можност да изнајдеме решение. Според мене, најмалку имаме исчекор напред зашто седиме заедно, работиме заедно, разговараме за решение кое, уште еднаш кажуваме, мора да е билатерално, потенцира Заев.

Заев е убеден дека двете земји ќе изнајдат решение, а до граѓаните на Македонија и Бугарија упати апел да го одржат и да му дадат шанса да добрососедството, на соработката и пријателството, како и да дадат поддршка на иднината на двете земји и двата народа.

– Убеден сум дека денешните средби во Софија ќе донесат само добро за двата братски народа. Свесни сме дека со бугарската поддршка, продолжуваме по патот на евроинтеграцијата зашто друг пат за нас нема, рече вчера Заев.

Тој исто така смета дека средбата со неговиот бугарски колега Јанев и заедничките напори за воспоставување атмосфера на доверба, ќе биде дополнително охрабрување заедничката Комисија да работи уште поефикасно и да се постигне договор за уште историски личности или периоди.

– Историјата е важна заради тоа што е основа за подобра сегашност и најдобра иднина. Еден паметен човек рекол за да ги отвориме прозорците на иднината мораме да ги подзатвориме малку вратите на минатото. Не да ги затвориме, да ги подзатвориме оти во спротивно ќе се јави провев кој што ќе ја издува сегашноста, а и посебно иднината. Ние им должиме иднина на младите и на децата и треба да работиме на таа иднина, нагласи премиерот.

Тој одговараше и на новинарско прашање дали постои можност земјава да го отвори Уставот и во преамбулата да биде ставен и бугарскиот народ.

– Северна Македонија прeд членството мора да го отвори Уставот и наш став е сите помалку бројни народи во нашата држава да бидат впишани, вклучително и бугарскиот, хрватскиот народ не е впишан – имаме хрватска заедница и други заедници. Нашиот Устав е создаден 1991 година и тогаш покрај македонскиот, албанскиот народ, впишани се и Бошњаците и Србите, и Турците, и Власите и Ромите и вика и другите народи, така што ако сакаме да бидеме земја членка на ЕУ треба да имаме европски устав во којшто по примерот на една Хрватска на пример ќе ги впишеме и другите народи, истакна премиерот на прес-сконференцијата во Софија.

Заев, ден пред заминувањето за Софија, изјави дека за македонскиот јазик и идентитет не се разговара и оти тие воопшто не се на маса. Македонија и Бугарија разговараат за предлогот што доаѓа од Португалија, која е актуелен претседавач со ЕУ, што, според него, апсолутно води грижа за нашиот македонски јазик и македонски идентитет и истовремено води грижа и за бугарските позиции. Португалскиот предлог, оцени Заев, навистина е инвентивно и креативно решение за кое што вреди да се потрудиме.

Бугарскиот премиер Јанев по средбата со Заев рече дека македонската делегација е дојдена со конкретни решенија кои ќе бидат разгледани. Политиката на Бугарија, повтори Јанев, е цврста поддршка на европската перспектива на С. Македонија и Албанија и поддршка за нивното присоединување кон европското семејство.

– Во моментов имаме прозорец на можности да работиме на решение. Целта ни е да се фокусираме на доверба, пријателство и отворен дијалог, подвлече Јанев, додавајќи дека како соседи и братски народи ни треба постојана комуникација и размена на мислења. – Во рамките на овие разговори, нема да бидете изненадени што главна точка за која зборувавме е европската перспектива на Република Северна Македонија, рече Јанев, истакнувајќи дека политиката на Бугарија е непроменета многу години наназад.

Јанев рече дека Бугарија цврсто ги поддржува Република Македонија, Албанија и Западен Балкан на патот кон пристапувањето во ЕУ. Но, според него, најпрво треба да се расчистат проблемите за да не ги внесуваме во ЕУ.

– Констатиравме дека во моментот имаме прозорец на можноста да работиме на нерешените прашања што ги имаме досега, особено на спроведувањето на Договорот за соседство, целта ни е да создадеме поволно опкружување на доверба и пријателство, отворен дијалог, додаде Јанев, кој рече дека делегацијата на Заев дошла со конкретни предлози за кои ќе се разговара.

Одговорноста е на политичарите, рече бугарскиот премиер Јанев и истакна дека историската комисија има одговорност пред политичарите кои ја назначиле.

Бугарскиот премиер Стефан Јанев коментира дека постојат политички можности, а првиот услов е потребата од дијалог. Бугарија, според него, прави сè што е можно за да се најде решение.

– Кога и како ќе се случи тоа зависи од различни фактори кои сите ги знаете, додаде тој.

Пред посетата на македонската делегација на Софија, Јанев во ексклузивното интервју за МИА, рече дека европската перспектива на Македонија и Албанија не е предмет на спор и Бугарија секогаш ги поддржува, посочувајќи дека позицијата на Софија во однос на европската интеграција на земјава е јасна и таа е потврдена од бугарскиот Парламент од есента 2019 година.

– Тоа што е создадено како односи меѓу РС Македонија и Бугарија во моментов е наследство од најмалку четири-пет години наназад. Знаете дека во 2017 година беше потпишан Договорот за добрососедство, кој би требало да биде оној инструмент кој ќе ја овозможи брзата европска интергација на Македонија. За жал, јас не ја обвинувам едната страна, и двете страни имаат вина што тој Договор, колку и добронамено да е напишан, не ја претпостави неопходноста од некаков јасен механизам за оценување на напредокот во однос на проблемите што би требало да ги реши тој Договор, вели Јанев.

Тој вели дека на двете страни им е потребен дијалог и разбирање за меѓусебните односи, и за тоа што сакаме да постигнеме во интерес на нашите граѓани, за да ги најдеме нашите заеднички интереси, каде е пресечната точка на тие заеднички интереси, и врз основа на заедничките интереси да градиме заедничка иднина.

Јанев нагласува дека одговорност на владите на двете земји е да седнат и прагматично да работат на варијанти како може да се излезе од сегашната ситуација.

– Имаме предлози, претпоставувам дека и македонската страна ќе донесе свои предлози, ќе седнеме да разговараме. Во блиска иднина, да сме живи и здрави, изборите се во јули месец, кон крајот на јули – август ќе имаме Парламент, и ако сме направиле нешто за време на службената Влада, Парламентот ќе каже да или не и да одиме напред, истакнува Јанев.

Тој за МИА вели дека решението на прашањето меѓу двете земји е во политичарите. На историчарите не треба да им се остава да бидат предводници во политиката, затоа што политиката е одговорност на владите, изјави Јанев, додавајќи дека е потребно двете влади да седнат и прагматично да разговараат што може да се направи, за да се постигне решение.

Според Јанев, исполнувањето на Договорот за добрососедство се одвива бавно, додека заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања не постигнала ништо во нејзиното работење.

– Да, кажавме дека таа Комисија треба нешто да постигне, но очигледно е дека таа ништо не заврши. Тоа беше јасно уште првата, втората година. Треба да чекаме уште пет години таа комисија да постигне нешто? Според мене, тоа не е реално, оценува Јанев во интервјуто за МИА.

Бугарскиот премиер нагласи дека тоа е и неговиот апел, односно прашањето да се реши со разговор меѓу две влади.