Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа е осуден на казна затвор од една година и три месеци, откако синоќа склучил спогодба со Обвинителството за случајот со примање награда за противзаконито влијание.

Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека предлог-спогодбата била доставена и разгледана, по што судот утврдил дека се исполнети законските услови и ја верификувал. Со оглед дека против ваквата одлука не е дозволена жалба, пресудата станала правосилна веднаш, а Стафа уште истиот ден е спроведен во затворот во Скопје на издржување на казната.

Според пресудата, Стафа во периодот од октомври до декември 2025 година примил вкупно 50.000 евра со цел да посредува и да влијае врз судија од Апелациониот суд во врска со предмет кој се однесува на Љупчо Пецов – Ѓаволот. Обвинетиот, како што се наведува, побарал вкупно 100.000 евра за да обезбеди укинување или ублажување на мерка изречена во постапка против Пецов.

Дел од парите, односно 30.000 евра, му биле предадени преку член на семејството на осомничениот, додека преостанатите 20.000 евра ги примил директно, по што бил затекнат од полициски службеници со парите кај него.

Со овие дејствија, судот утврдил дека Стафа го сторил кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“. Во изречената казна му е засметано и времето поминато во притвор.

Извор: Република