Француската инфлуенсерка Анук Дешамп почина на 21-годишна возраст, по едногодишна борба со редок и агресивен вид рак на меките ткива. Тажната вест беше објавена на нејзините профили на социјалните мрежи преку емотивна порака со која нејзините најблиски се простија од неа.
Според објавата, Дешамп починала мирно, опкружена со своето семејство и најблиските пријатели. Нејзините блиски ја опишаа како исклучително ведра, амбициозна, грижлива и талентирана личност која отсекогаш имала желба да им помага на другите луѓе.
„Анук неизмерно сакаше да се грижи за другите. Секогаш беше тука за своите најблиски и знаеше да ги пронајде вистинските зборови, поради што и посакуваше да стане лекарка“, се наведува во прошталната порака.
На Дешамп пред една година ѝ бил дијагностициран CIC-DUX4 сарком, исклучително редок облик на рак на меките ткива што се карактеризира со висока агресивност. И покрај тешката дијагноза и прогнозите, таа континуирано се обидуваше да остане позитивна и да ја одржи надежта во закрепнувањето.
Младата Французинка беше многу активна на социјалните платформи, каде што отворено ги споделуваше секојдневните моменти и одржуваше постојан контакт со своите следбеници. Преку своите искрени објави, таа успеа да изгради заедница од луѓе кои постојано ѝ даваа огромна поддршка во текот на лекувањето.
По веста за нејзиното заминување, семејството изрази длабока благодарност до сите кои ѝ пружиле поддршка во најтешките мигови од животот.
„Ви благодариме што ѝ дававте поддршка. Таа секогаш сакаше да споделува моменти од својот живот и да ги поврзува луѓето, а вие ѝ го овозможивте тоа. Сакаше да одговара на коментарите и да им даде можност на другите да ја споделат нејзината борба“, се наведува во пораката.
Во завршните зборови од прошталната објава, семејството и пријателите потсетија на суштинската вредност на малите радости во секојдневието.
„Денес Анук го пронајде својот мир и продолжува да живее преку нас. Уживајте во секој момент и во сите мали радости што ви ги носи животот“, порачаа тие.
