Португалија се соочува со висок ризик од шумски пожари, а во северниот дел на земјата пожарникарите се борат со голем пожар во близина на селото Рабаса, во округот Гуарда, недалеку од границата со Шпанија. Во источниот дел од округот во моментов се активни пожари на три различни локации, објави Би-Би-Си.
Португалскиот институт за море и атмосфера (IPMA) издаде црвено предупредување поради многу висок ризик од пожари во голем дел од земјата. Во одредени региони е прогласено и највисокото ниво на опасност.
Во меѓувреме, состојбата со пожарите во Франција и Шпанија е нешто подобра во однос на претходните денови, но огнените стихии и понатаму претставуваат сериозна закана.
Во францускиот регион Жиронд вчера дополнително изгореа околу 500 хектари шума. Сепак, пожарникарите оценуваат дека условите биле поповолни и дека новите жаришта главно се ставени под контрола.
Во големиот пожар во Франција досега се уништени 240 куќи, а повредени се 88 пожарникари. На терен се ангажирани 2.750 пожарникари, 18 воздухоплови, 1.500 војници и 1.440 припадници на безбедносните сили.
Во пожарите загина и 38-годишен доброволец кој учествувал во гаснењето на огнената стихија.
