Се интензивираат напорите изминатиот период за надминување на спорот и одржување на првата Меѓувладина конференција со Европската Унија во јуни за време на португалското претседателство. Шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји во петокот најпрво во Софија, а потоа и во Скопје ги презентираа предлог решенијата за спорот, но засега детали во јавноста не се изнесуваат, освен дека предлогот не задира во македонските идентитетски прашања, како и дека португалското претседателство водело сметка за двете страни.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција во Скопје со неговите колеги од Австрија, Словенија и Чешка, Александер Шаленбер, Анже Логар и Јакуб Кулханек во саботата, рече дека предлогот е добра основа за отстранување на пречките на патот кон ЕУ, но напомена дека не треба преку медиумите да се изнесуваат детали од него. А премиерот Зоран Заев, вчера на чинот на положување цвеќе по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители пред споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во УКИМ прашан за деталите од предлогот одговори дека се земени предвид очекувањата на двете страни.

-Немам детали за страната на Бугарија, односно за Софија, за тоа како го разгледува предметот, но според мене мислам дека португалското претседателство, португалскиот министер Аугусто Силва заедно со неговиот тим воделе грижа за да бидат вклопени очекувањата на двете страни, нагласи Заев.

Повтори дека предлогот за нас е добра база за решение, а исто така смета дека е земена предвид бугарската страна имајќи ја предвид резолуцијата усвоена во нивниот Парламент, но и се што е важно, согласно Договорот за стабилизација и асоцијација и патоказот за забрзување на имплементирање на Договорот за добрососедство.

Заев потенцира дека со предлогот се заштитетни македонски јазик и македонскиот идентитет и оти очекува мошне скоро нивно официјално признание и од страна на Бугарија.