Во Охрид од денеска започнуваат засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај по повод престојната посета на претседателката на Индија, која во градот ќе престојува до 22 јули 2026 година.

Од Секторот за внатрешни работи Охрид информираат дека мерките ќе бидат насочени кон обезбедување на сообраќајниците, објектите и безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

„Активностите се насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците и други објекти за што се веќе остварени контакти со службите од локалната самоуправа како и со сите правни субјекти одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид, со Јавните претпријатија како и со други релевантни субјекти“, соопшти портпаролот на СВР Охрид, м-р Стефан Димоски.

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид веќе презема активности за контрола и регулирање на сообраќајот, особено на булеварот „Туристичка“, но и на останатите улици и патишта каде ќе има ограничувања за запирање и паркирање на моторни возила.

Сообраќајното обезбедување ќе ги опфати и магистралните, регионалните и локалните патишта од Охрид кон Свети Наум, заштитниот појас покрај патиштата, улиците во населените места, како и паркиралиштата во централното градско подрачје и стариот дел на Охрид.

Од СВР Охрид апелираат граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници и да придонесат за непречено одвивање на сообраќајот во периодот на посетата.

Граѓаните се повикуваат моторните возила да ги користат само кога е неопходно или, доколку имаат можност, да користат алтернативни превозни средства, со цел полесно спроведување на планираните безбедносни активности.