Поскапувањето на цената на централното греење е одлука на Регулаторната комисија за енергетика, а не мерка донесена од страна на Владата. Ценовните корекции се директен одраз на глобалните пазарни движења на енергенсите.
„Поскапувањето на цената на парното е резултат на покачувањето на цената на гасот, која на светските берзи вртоглаво расте. И тоа не зависи ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од СДС“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според наведените споредбени пресметки, граѓаните во Софија плаќаат за 18 проценти поскапо парно греење отколку граѓаните во Скопје. Во Сараево цената е повисока за 44 проценти, во Белград за 81 процент, додека во Љубљана сметките се повисоки за дури 86 проценти во однос на главниот град.
„Додека просечната референтна месечна сметка за парно во Скопје ќе изнесува 2.681 денар, во Сараево таа изнесува околу 3.858 денари, во Белград 4.860 денари, а во Љубљана околу 5.000 денари“, соопштуваат од партијата.
Од владејачката партија посочуваат дека секое зголемување на трошоците претставува оптоварување за семејните буџети, но фактите и регионалните показатели потврдуваат дека цената во Скопје останува значително поповолна во споредба со регионот, обвинувајќи ја опозицијата за отсуство на реални аргументи.
