Состојбата со пожарите во земјава и денес е алармантна, оценуваат од Дирекцијата за заштита и спасување. Досега се регистрирани повеќе од 20 пожари, од кои поголемиот дел сè уште се активни.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, очекува во текот на денот да биде ставен под контрола пожарот над селото Грачани, кој веќе неколку дена ги вознемирува жителите на Скопје. Во гаснењето на огнот интервенирале противпожарните авиони „Ер трактор“ и полициски хеликоптер.
Пожарот се спушта кон реката Лепенец, но неговиот поголем дел се наоѓа на косовска страна.
– За жал, ако дувне северозападен ветер, граѓаните на Скопје и вечерва ќе го чувствуваат чадот, иако во однос на вчерашниот и завчерашниот ден е значително намален – изјави Ангелов во попладневната изјава.
На територијата на Скопје активен е уште еден пожар, кај Рамно на Скопска Црна Гора. Според Ангелов, некој упорно го потпалува овој пожар.
Активни пожари има и над селото Октиси, како и кај Ногаевци во Општина Градско. Пожарот кај Ногаевци може да се забележи и од автопатот.
