ООН повикуваат на максимална воздржаност на Блискиот Исток по нападот од Иран врз Израел. Мора да се избегне регионална ескалација, порака и од состанокот на Г-7.

„Од витално значење е да се избегне каква било акција што може да доведе до воени конфронтации на повеќе фронтови на Блискиот Исток. Цивилите веќе го носат најголемиот товар и плаќаат највисока цена. Имаме заедничка одговорност да спречиме понатамошна ескалација“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.

Од израелските одбранбени сили велат дека одобриле оперативни планови и за офанзива и за одбрана. Од друга страна, израелскиот претседател Херцог изјави дека Тел Авив не сака војна во регионот.

„Војната е последното нешто што Израел го сака во регионот, ние сакаме мир. Нормално, ние секогаш ги слушаме нашите партнери и сојузници. Го почитуваме нивниот став. Ќе преземеме сè што е потребно за да го заштитиме и одбраниме нашиот народ“, изјави Исак Херцог, претседател на Израел.

Американската војска соопшти дека уништила 80 дронови и шест проектили лансирани од Иран и Јемен во текот на викендот. Вашингтон јасно стави до знаење дека нема да учествуваат во каква било офанзивна акција против Техеран.

„Израел покажа дека има пријатели, дека не е изолиран на светската сцена. Ние го разбираме и го почитуваме тоа. Но, ние не бараме војна со Иран. Ќе продолжиме му помагаме на Израел да се брани“, изјави Џон Кирби, совет за национална безбедност на САД.

Иранскиот министер за надворешни работи рече дека нападот од неделата врз Израел е ограничен и минималистички.

„Нашата цел во овој легитимен чин на одбрана е едноставно казнување на израелскиот режим. Ние не таргетираме американски поединци или бази во регионот“, изјави Хосеин Амирабдолахиан, министер за надворешни работи на Иран.

Иран изведе напад врз Израел како одговор на гранатирањето на иранската конзуларна зграда во Сирија кога загинаа двајца ирански генерали, за што директно го обвинува Тел Авив. Израел соопшти дека спречиле 99 насто од околу 300 напади со беспилотни летала и проектили истрелани кон нивна територија.

Извор: МРТ