Повредените од пожарот во Кочани во критична состојба во бугарските болници

Сите лица повредени во пожарот во Кочани, кои се пренесени на лекување во Бугарија, се во многу тешка состојба, изјави директорот на болницата „Пирогов“ на брифинг со новинарите. Според неговите информации, во текот на ноќта биле примени осум пациенти, од кои тројца се деца под 18 години, а останатите пет се на возраст меѓу 20 и 25 години. Најстариот пациент има 31 година.

„Сите пациенти се во тешка состојба, освен едно дете, кое е згрижено на педијатриската интензивна нега. Останатите се сместени на одделението за изгореници и се во критична состојба. Тројца пациенти се интубирани, а за останатите сè уште се прават детални проценки. Изгорениците покриваат голем дел од телото, особено горните екстремитети и лицето. Повеќето од пациентите имаат оштетувања и на дишните патишта поради вдишување на чад и топли гасови, што дополнително ја влошува нивната состојба,“ изјави директорот на „Пирогов“, Валентин Димитров, пренесе БНТ.

Тој додаде дека медицинските тимови прават сè што е во нивна моќ за стабилизирање на повредените.

„Ќе преземеме онолку пациенти колку што е потребно, сè додека можеме да помогнеме,“ потенцираше Димитров.

Обезбедена 24/7 линија за информации

Министерството за здравство на Република Бугарија соопшти дека роднините на повредените лица можат да добијат информации за нивната состојба 24/7 на телефонскиот број 02/8050 300.

Воен авион „Спарта“ досега пренесе осум тешко повредени лица од Кочани во Бугарија. Петмина од нив се згрижени во Универзитетската болница „Пирогов“ во Софија, додека тројца пациенти со сериозни изгореници се префрлени во Военомедицинската академија во Варна.

Дополнително, се очекува во текот на денот да бидат транспортирани уште шест повредени лица. Тројца од нив ќе бидат примени во „Пирогов“, а останатите во болницата „Свети Георги“ во Пловдив.

Здравствените власти во Бугарија и Македонија остануваат во постојан контакт за координација на натамошниот третман на повредените.