Велешките пожарникари вечерва го ставиле под контрола пожарот во околината на селото Ногаевци. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изрази сомневање дека огнот бил намерно предизвикан и најави дека полицијата ќе го истражува случајот.

Во вечерашната изјава Ангелов рече дека сомнежите оти пожарот бил подметнат ги темели на исказите на локалното население.

Во справувањето со пожарот учествувале велешките пожарникари и жители од околината, а интервенирале и двата „Ер трактори“. Тие само еднаш исфрлиле вода врз едно критично место, согласно барањето на командирот на велешката Противпожарна единица.

Според Ангелов, интервенцијата на „Ер тракторите“ им овозможила на пожарникарите од Велес да навлезат во боровата шума, при што биле изложени на одреден ризик.

– Рано наутро ќе продолжи деталното гаснење на овој пожар – изјави Ангелов, додавајќи дека нема повредени пожарникари.

Исклучително тежок пожар вечерва има и во месноста Рамно на Скопска Црна Гора. Во неговото гаснење учествуваат скопските пожарникари и лица од Национални шуми, а на местото е присутен и градоначалникот на Чучер-Сандево.

Активен е и пожар во атарот на кумановското село Матејче, кој се движи во правец на манастирот во Матејче.

Пожарот што од косовска страна се спушти на македонска територија долж реката Лепенец е ставен под делумна контрола. Се очекува утре тој да биде целосно контролиран или изгаснат.

– Но, ако ветрот е неповолен, најверојатно и вечерва скопјани, или дел од нив, ќе чувствуваат непријатен мирис којшто доаѓа од чадот од овој пожар – рече Ангелов.