Човечко невнимание, меѓу кое и фрлен отпушок од цигара, е една од можните причини за катастрофалниот пожар кај Омиш, Хрватска, но точната причина сè уште не е утврдена. Полицијата ја спроведува истрагата, додека пожарникарите и денеска продолжија со гаснењето на огнот кој зафати околу 900 хектари. Во пожариштето денеска било пронајдено и тело на едно лице.

Томислав Ресман, заменик-командант на Јавната противпожарна служба на Загреб, вели дека според искуството на пожарникарите, најчеста причина за ваквите пожари е запален предмет што бил фрлен или оставен од човек.

– Полицијата ќе ја утврди точната причина, но според нашето искуство, најчесто станува збор за фрлен предмет што гори, како што е опушок од цигара – изјави Ресман.

Како можни причини тој ги наведе и искрите од далноводи, невнимателното користење скара, како и искри при сечење, брусење или заварување.

Пожарот избувнал околу 20.15 часот кај Локва Рогозница, а силниот ветер го насочил кон Омиш. Пламените јазици стигнале до подрачјето над градот и загрозиле куќи, поради што дел од жителите и туристите биле евакуирани.

„Неверојатно е колку многу е спасено“

Иако пожарот оставил огромна изгорена површина зад себе, градот постепено се враќа во нормала. Хрватски „Индекс“ јавува дека пожарот сè уште гори на ридот и зафаќа нови делови, но дел од кафулињата повторно почнуваат да се полнат, а луѓето се враќаат на плажите.

Репортерот на „Индекс“ од Омиш вели дека е неверојатно колку многу било спасено во текот на ноќта и денеска, имајќи ја предвид силината на пожарот.

– Сè уште има доста хаос во градот, има многу луѓе пред засолништето. Може да се види дека луѓето се нервозни, не знаат што да прават со себе, но животот продолжува – вели новинарот.

Канадерите повторно гаснеа

Пожарникарските авиони попладнево повторно дејствувале над пожариштето. Во гаснењето се вклучени хрватските воздухопловни сили, додека пожарникарите продолжуваат да се борат со огнената стихија.

Досега огнот зафатил околу 900 хектари, а изгорени и оштетени се куќи, автомобили и други објекти. Дел од жителите и туристите биле евакуирани поради опасноста од ширење на пожарот.

Меѓу повредените има и 17-годишна девојка која е на респиратор. Кај дел од најтешко повредените изгорениците зафаќаат меѓу 15 и 60 отсто од телото. Повеќето повредени се хрватски државјани, но има и двајца странци – Германец и Полјак.

Хрватската полиција денеска околу 13.30 часот при увидот на пожариштето во Омиш пронашла тело на едно лице. Причините и околностите за смртта треба да бидат утврдени во понатамошната истрага.